Опис на проектот

Интерактивниот портал за тутори е проект на Министерството за Образование и Наука (МОН) и претставува систем за аплицирање на потенцијалните тутори – студенти, кои своите услуги ќе ги нудат бесплатно на ученици во основно и средно образование, а за возврат ќе добијат дополнителни 10 поени при аплицирањето за студентски стипендии доколку се исполнети условите предвидени во програмата. Условот за добивање дополнителни поени е студентот да дава бесплатни часови по одредени предмети по најмногу 4 предмети (или да подучува 4 ученици по еден предмет) во текот на годината, а оцената на крајот на односната учебна година кај минимум двајца ученици (или еден ученик по два предмети) да биде зголемена/и споредено со оценката/е по истиот/истите предмет/и запишана/и во Е-Дневникот на крајот на претходната учебна година.

Преку порталот студентите кои ги нудат своите вештини за подучување и туторство ќе можат да се регистрираат и согласно наставните програми да им помагаат на учениците во совладување на наставната програма согласно нивните индивидуални потреби.

Секој пријавен студент, по поднесувањето на потребните документи (потврда за редовен студент, препорака од професор, уверение дека со правосилна судска пресуда не му е изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност и  фотографија) ќе биде проверен од страна на Комисија која ќе треба да оцени дали пријавениот студент има потенцијал и комуникациски способности неопходни за подучување и туторство.

Порталот содржи база на податоци на аплицираните и проверени студенти – тутори од која родителите на учениците ќе имаат можност да одберат соодветни и проверени кандидати за подучување на своите деца по наставните предмети по кои учениците имаат одредени потешкотии во совладувањето, без тоа дополнително да го оптеретува домашниот буџет.

Учениците ќе имаат можност несовладаната или пропуштената наставна материја полесно да ја совладаат со посветен тутор кој објаснувањето ќе го прилагоди кон нивото на знаење на ученикот и истото ќе го развие и подигне на повисоко ниво.

ПРОГРАМА ЗА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ ТУТОРСТВО НА УЧЕНИЦИ ОД ОСНОВНОТО ОБРАЗОВАНИЕ ОД СТРАНА НА СТУДЕНТИТЕ

ПРОГРАМА ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ НА ПРОГРАМАТА ЗА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ ТУТОРСТВО НА УЧЕНИЦИТЕ ОД ОСНОВНОТО ОБРАЗОВАНИЕ

ПРОГРАМА ЗА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ ТУТОРСТВО НА УЧЕНИЦИ ОД СРЕДНОТО ОБРАЗОВАНИЕ ОД СТРАНА НА СТУДЕНТИТЕ

ПРОГРАМА ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ НА ПРОГРАМАТА ЗА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ ТУТОРСТВО НА УЧЕНИЦИТЕ ОД СРЕДНОТО ОБРАЗОВАНИЕ